Кошаркарската репрезентација на Македонија останува перфектна во претквалификациите за пласман на Европското првенство 2025 откако во салата „26 Април“ во Гевгелија со 58:36 ја совлада Норвешка.
Избраниците на селекторот Александар Јончевски го одиграа најдобриот натпревар досега во претквалификациите и ја остварија најубедливата победа. Клучот за триумфот на Црвено-црните беше одличната игра во одбраната поради која Норвежаните, кои на претходниот натпревар против Данска дадоа 99 поени, сега за 40 минути игра постигнаа едвај 36 поени.
Јончевски и неговиот стручен штаб одлично ја простудираа играта на Норвежаните и успеаја да го неутрализираат нивното најсилно оружје, шутот за три поени и играта во транзиција. Норвешка во триумфот над Данска од 99:75 даде дури 20 тројки од 32 обиди, а вечерва ги промашија сите 21 шут за три поени.
И кај Црвено-жолтите затаи шутот за три поени, погодија само 3 од 13 шута во првото полувреме, но затоа со одлична игра во одбраната надоместија за промашувањата и Норвешка ја оставија само на 18 постигнати поени по првиот дел.
Кошаркарите беа импресивни во втората и во последната четвртина, кога на противникот му дозволија да постигне само по 7 поени.
Во првото полувреме, улогата на главни реализатори ја презедоа капитенот Стојановски, Ѓуроски и Ти-Џеј Шортс, кои заедно дадоа 24 поени, шест повеќе од Норвежаните.
И третата четвртина имаше слично сценарио, Норвешка тргна со серија 0:7, но одговорот дојде со пет поени преку Стојановски и Магдевски, кои ја вратија предноста од плус 14 (39:25). Во 25-тата минута, по тројката на Бојан Крстевски, Македонија дојде до најголеми плус 17 (42:25), а третиот дел заврши со 45:29.
Дилемите околу победникот беа решени на стартот од последната четвртина, кога со тројките на Крстевски и на Робев, Македонија за првпат поведе со повеќе од 20 поени (51:30). До крајот на мечот, Црвено-жолтите рутински ја одржуваа предноста и на крајот славеа со убедливи 58:36.
Војдан Стојановски и Бојан Крстевски дадоа по 14, а Ти-Џеј Шортс и Стојан Ѓуроски дадоа по осум поени.
Македонија в недела, исто така во салата „26 Април“ во Гевгелија, ја пречекува селекцијата на Данска, која има три порази во три меча.