Новинарот Стојмановски, ултрамаратонката Шиповиќ, каратистот Спасеновски се меѓу добитниците на наградата „13 Ноември“

Сојузот на спортови на Скопје попладнево ги додели наградите „13 Ноември“.
Во категоријата „спортски новинар“, добитник на признанието е Милорад Стојмановски – новинар со тридецениско искуство, главно во печатените медиуми, во моментов работи во весникот „Слободен печат“. Новинарската кариера Стојмановски ја започнал во весникот „Вечер“, потоа бил уредник во магазинот „Скок“ и во весникот „Дневник“. Стојмановски известувал од поголем број Светски и Европски првенства во фудбал и кошарка како и од Олимписките игри во Атина 2004 година.

Наградата за „спортски подвиг“ ја доби Катерина Шиповиќ, ултрамаратонката која е првата Македонка која истрча 256 километри од Атина до Спарта на „Спартатлон“ во Грција, една од најтешките ултрамаратонски трки во светот. Од 360 учесници на стартот, трката ја завршија 182-ца натпреварувачи, каде што во конкуренција од 40 жени, Катерина Шиповиќ го освои 19-тото место. Таа е и државен првак со истрчани 180 километри за 24 часа.

Награда за „спортски работник“ е доделена на Александар Милојевиќ, меѓународен кошаркарски судија со отсудени над 500 меѓународни натпревари, 15 пати прогласен за најдобар судија во Македонија, член на судиска комисија на АБА-лига, контролор и комесар на натпревари на КФСМ. Има судено на четири Европски првенства, полуфинале на Евролига жени, Балканска лига трипати полуфинале.

Во категоријата „спортски клуб“, признанието го доби Карате клубот Макпетрол, за освоени два златни и еден бронзен медал на Европска универзијада, два сребрени и еден бронзен медал на Светска универзијада, бронзен медал на Европско првенство за сениори, две сребра на Светското првенство за помлади сениори, 12 медали на Балканското првенство и над 50 медали на меѓународни турнири.

Наградата „спортист“ ја доби Петар Спасеновски од карате-клубот Макпетрол за освоено трето место на Европското првенство за сениори во Газијантеп, Турција, во категорија до 84 килограми.

Добитник на наградата во категоријата „спортски лекар“ е д-р Небојша Настов, хирург трауматолог вработен во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје.
За „спортски педагог“ доделени се две награди, на Вјенцеслав Рангелов, професор по физичко образование, спорт и здравје во СУГС „Никола Карев“, и за Зоран Наков, професор по физичко образование, спорт и здравје при ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Скопје.

Признанието „општественик со посебни заслуги за развој на спортот“ му е доделено на Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи за особен придонес, помош и поддршка на организацијата на ВИЗ ЕР Скопски маратон.

Наградата „спортски работник за животно дело“ е доделена на Димче Јанковски, тренер во карате, член на карате-сојузот веќе 50 години, 55 години активно работење како каратист и тренер, еден од основачите на Карате федерацијата на Македонија со многубројни функции во КФМ и издадени 4 книги за карате. Сѐ уште е активен тренер во КК Аеродром Скопје.

- Оглас -

Најнови вести