Шортс е јунакот на Македонија, во драматичен меч ги победивме незгодните Данци

Македонија ја победи Данска во неверојатната кошаркарска драма во Гевгелија и остана лидер на табелата со максимални четири победи во Д групата.

Ти-Џеј Шортс, кој го играше само вториот меч за македонската репрезентација, е вистински јунак во исклучително тешката победа од 74:71 дури по продолженија.

Натурализираниот Американец со 33 поени беше извонреден, а нè спаси од пораз во регуларниот дел, кога на 14 секунди до крајот израмни на 64:64 и нè доведе до продолженија.

И потоа продолжи блескаво, во дополнителните пет минути продолжи да го полни кошот на Данците и буквално нè извлече од сигурен пораз.

И финишот на регуларниот дел и тој во продолженијата беа исклучително драматични, а Македонија избегна пораз, иако во текот на натпреварот имаше неколкупати и двоцифрена негатива.

Данците водеа со 8 поени на три минути до крајот на регуларниот дел, но Македонија на чудесен начин се врати и потоа и победи.

Ѓуровски постигна 11 поени со шест скока, а Војдан Стојановски помогна со 10 поени.

Данска ја победивме на драматичен начин и на гости кога Нено Димитријевиќ погоди тројка од огромна далечина за победа од 73:70.

Македонија е прва во Д групата со биланс од 4-0 и ќе игра за прво место уште два меча, и двата на гости, со Словачка и со Норвешка.

Словачка денеска ја победи Норвешка со 68:56 и сега двете селекции имаат биланс од по две победи и по два порази, зад Македонија со 4-0.

Следниот меч ни е со Словачка на гости и ако победиме против нив, или со Норвешка потоа на гости, сигурно ќе бидеме први во Д групата.

 

 

- Оглас -

Најнови вести