Женската ракометна репрезентација на Франција го задржа максималниот ефект на Европското првенство што се одржува во Словенија, Македонија и Црна Гора откако вечерва со 29:21 ја совлада Германија во второто коло од главната фаза.
Со победата на светските и олимписките шампионки над Германија, познати се двете селекции од групата 2 што ќе играат во полуфиналето. Покрај Франција, која има осум бода, тоа ќе биде Црна Гора, која е втора на табелата со 6 бода, три повеќе од Шпанија и Холандија на едно коло до крајот.
Победата на Французинките во ниту еден момент не беше доведена во прашање бидејќи Германија ниту еднаш немаше водство, туку во текот на целиот натпревар беше во подредена позиција.
Франција во 21-вата минута за првпат поведе со три гола разлика (9:6) и оттогаш постојано ја зголемуваше предноста. На одмор се замина со 13:9, а во вториот дел по послабиот почеток ги презедоа работите во свои раце и дојдоа до убедлив триумф од 29:21.
Орлан Канор со пет гола, Паулета Фопа и Корали Ласорс со четири беа најдобри кај Франција, додека Алина Гријселс со седум гола ја предводеше листата на стрелци кај Германија.
Утре ќе биде позната и последната репрезентација што ќе им се приклучи на Франција, Црна Гора и Норвешка во полуфиналето, а во игра за тоа едно место се Словенија, Шведска и Данска.