Поранешен ракометар и директор на клиника за лекување од зависности криел дрога во долна облека

Поранешниот ракометар на Црвена ѕвезда, Милош Меденица, кој беше уапсен на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград откако во неговата долна облека биле пронајдени осум грама хероин, на судското рочиште се бранел со зборовите дека дрогата која му била пронајдена е за лична употреба.

„Против него се поднесени две кривични пријави, за поседување наркотици и напад на службено лице бидејќи давал силен отпор при апсењето, а исто така се правдал дека дрогата била за лична употреба“, изјави неименуван извор за телевизијата Н1.

По рочиштето, Меденица е пуштен на слобода откако му бил одземен пасошот, а доколку биде прогасен за виновен, се соочува со затворска казна до три години.

Да биде иронијата поголема, Милош Меденица изминатиот период работел како директор на клиниката за лекување на зависности во Нови Бановци, но откако медиумите почнаа да пишуваат за овој случај, неговото име и слика биле отстранети од официјалната интернет-страница на клиниката.

Меденица се најде во центарот на вниманието на јавноста и во 2014 година, кога беше позитивен на допинг-тест по третото коло во српската Суперлига.

- Оглас -

Најнови вести