Ѓоковиќ: Не постои слобода на говор денеска, медиумите веднаш ме направија лошо момче поради моите ставови

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во интервју за италијанскиот весник „Ла Стампа“ зборуваше за годинава во која имаше многу проблеми поради неговиот став да не се вакцинира против ковид-19. Новак вели дека тој не промовирал никаква политика или агенда, туку ги кажувал своите мислења, поради што се најде на удар на јавноста и на тениските фанови.

„Знам дека понекогаш луѓето мислат дека се залажувам себеси, дека правам одредени работи затоа што сакам да бидам обожуван од фановите. Но, не е така, јас само сакам да бидам свој, единствен. Тоа е нешто што во денешно време се губи. Не може секому да му се допадне, но ако имаме политичка коректност, тогаш претпоставувам дека можеме да ги изразиме нашите идеи со почит и без омраза. Според мене, слободата на говорот во денешно време е само илузија“, смета Ѓоковиќ.

Иако е рекордер по бројот на титули, на Отвореното првенство на Австралија владата во јануари годинава го депортира Ѓоковиќ од земјата и му забрани да настапи на гренслем-турнирот. Иако не беше вакциниран, Ѓоковиќ првично доби виза, но австралиските власти по неговото пристигнување, му ја укинаа и по судскиот спор кој тенисерот го загуби, го депортираа од земјата.

„Имам идеален пример од оваа година поради сè што ми се случи во врска со вакцината. Јас само ја изразив слободата сам да одлучам што да правам со моето тело и одеднаш ме етикетираа како антиваксер, што не сум. Ако не припаѓате на општиот начин на размислување, брзо станувате лош човек. И тоа не е добро“, искрен е Ѓоковиќ.

- Оглас -

Најнови вести