Хари Кејн, Вирџил ван Дајк и Герет Бејл денеска ќе добијат жолти картони уште пред да почне мечот!?

Светската фудбалска федерација, ФИФА, има проблем со одлуката осум репрезентации да носат капитенска лента која ќе биде во боите на виножитото и ќе ја носи пораката „Една љубов“, со што ќе се даде поддршка на геј популацијата од целиот свет.

Во Катар има забрана за влез на луѓе со таква сексуална определба, а ФИФА донесе одлука да не се носат капитенски ленти со такви пораки за поддршка на ЛГБТ заедницата. Од Светската федерација порачаа дека имаат цел план за тоа кои пораки треба да се промовираат за време на Мундијалот, а меѓу нив не е „Една љубов“.

Вкупно 10-мина репрезентации се побунија на оваа одлука на ФИФА, а дури осуммина од нив се дел од Мундијалот, и тоа Германија, Холандија, Швајцарија, Англија, Данска, Велс, Франција и Белгија, како и Шведска и Норвешка, кои не играат на планетарниот собир.

„Јасно кажавме дека сакаме да ја носиме таа капитенска лента. Знам дека од нашата Фудбалска асоцијација имаат разговори со ФИФА и сигурен сум дека одлуката ќе биде позитивна“, рече капитенот на Англија, Хари Кејн.

Од ФИФА најавија дека непочитување на одлуката да не се носи таа капитенска лента може да значи и казна за капитените со жолт картон, и тоа уште пред да почне средбата.

„Ќе ја носам лената „Една љубов“ на дуелот против Сенегал. Сепак, ако пред почетокот на мечот добијам жолт картон поради тоа, ќе мора добро да размислам за следниот пат. Не сакам да играм додека имам жолт картон, а мечот не е започнат“, рече предвоникот на Холандија, Вирџил ван Дајк.

Капитенот на Германија, Мануел Нојер, кратко само потврди дека ќе ја носи таа капитенска лента, а со исто размислување е и предводникот на Велс, Герет Бејл.

„Тоа е тешка тема за нас фудбалерите, но мора да сугерираме на некои проблеми. репрезентативците се сто осто сигурни дека стоиме зад таа одлука и ќе го направиме тоа за да ја подигнеме свеста на оваа тема“, рече Бејл.

На крајот се огласи и капитенот на Данска, Кристијан Ериксен. „Се заложуваме за нашите вредности и ние како тим ќе ја носиме капитенската лента „Една љубов“. Не знам какви ќе бидат последиците поради тоа, но наш најважен фокус е да играме фудбал“, е ставот на Ериксен.

- Оглас -

Најнови вести