Ракометарите на Еурофарм Пелистер го доживеаја вториот пораз во групната фаза во Лигата на Европа, овој пат од германскиот Фуксе Берлин, и тоа со убедливи 34:43
Битолчани по три кола, имаат скор од една победа на гости и два порази кои ги остварија пред своите гледачи во салата „Боро Чурлевски“, од Архус во првото коло и сега од Фуксе Берлин.
Вечерва Е. Пелистер сосема заслужено е поразен од бундеслигашот, кој покажа зошто е еден од главните фаворити за титулата во второто по квалитет европско клупско натпреварување.
Битолчани водеа само во воведните минути, Денис Василев го отвори резултатот, а потоа Е. Пелистер имаше водство од 2:1 и 3:2 во седмата минута, по што гостите ги презедоа работите во свои раце. Фуксе Берлин на половина од првиот дел поведе со три гола предност (6:9), а во финишот со фуриозни три минути направија серија 1:4 и на одмор заминаа со високи плус осум (14:22).
Во второто полувреме, ракометарите на Фуксе Берлин рутински ја одржуваа предноста, а сите надежи за некаков позитивен исход на битолчани ги урнаа уште во 32-рата минута, кога со мини-серија од 0:2 за првпат поведоа со двоцифрена разлика (14:24).
Најдобар во редовите на Е. Пелистер беше репрезентативниот пикер Жарко Пешевски со осум гола, Мирко Радовиќ даде шест, Марио Танковски и Ненад Костески дадоа пет. Кај Фуксе Берлин, Милош Вујовиќ даде девет гола, Јакоб Холм даде седум гола.
Еурофарм Пелистер во следното коло ќе игра против Мотор.