Бразил со лесната победа над Србија им се придружи на Шпанија, Англија и Франција како тимови кои најмногу импресионираа во првото коло на Светското првенство во Катар.
Според виденото, на повидок се четвртфиналиња помеѓу Бразил и Шпанија, како и Франција – Англија, што би било прекрасно за гледање.
Бразилците си го отворија патот до првото место во својата група, па почнаа да се прават калкулации што би било во нокаут-фазата и кој би налетал на кого ако нема сензационални изненадувања.
Шпанија ја уништи Костарика, даде 7 гола и ако Црвената фурија ги оддува и следните два ривали во групата, Германија и Јапонија, ќе биде прва, а потоа следува осминафинале во кое веројатно би биле фаворити.
И Франција и Англија ако бидат први во своите групи, а потоа го минат и осминафиналето, не им бега меѓусебна пресметка уште во четвртфиналната фаза.