Аргентина е жива, Меси и Фернандез го решија Мексико (Видео)

Аргентина остана во игра за освојување на едно од првите две места во групата Ц кои носат пласман во осминафиналето на Светското првенство во Катар, откако вечера со 2:0 го совлада Мексико.

Овој триумф им беше неопходен на Гаучосите бидејќи доживеаја шокантен пораз во првото коло од Саудиска Арабија.

Аргентинците во натпреварот влегоа со императив да победат, но играта на теренот на „Лусаил Ајконик“ стадионот, не беше каква што очекуваа нивните фанови.

Мексиканците ги затворија сите приоди кон голот на Очоа, а притоа одлично го чуваа и Меси приморувајќи го да се враќа во сопствената половина за да има контакт со топката.

Тие не дозволија ниту еден удар кон голот на Очоа во првиот дел, второто полувреме започна идентично, но доволен беше еден потег, магија на Меси, за да биде разбиен бункерот на Мексиканците.

Лео во 64-та минута успеа да го совлада Очоа, а победата ја завери Енцо Фернандез во 86-та минута.

Победата над Мексико не и гарантира пласман на Аргентина во осминафиналето, бидејќи е втора на табелата со три бода, еден помалку од Полска, додека Саудиска Арабија има подобар скор од Гаучосите бидејќи славеше во меѓусебниот дуел.

Поради тоа, Аргентина за да биде сигурна, мора да победи против Полска во третото коло, инаку ќе мора да чека пораз на Саудиска Арабија против Мексико кој исто така си има свои математики за пласман во осминафиналето.

- Оглас -

Најнови вести