Светската фудбалска федерација (ФИФА) започна истрага против Србија поради знамето кои во соблекувалната на репрезентацијата пред натпреварот против Бразил и тоа по пријава на фудбалската федерација на Косово (ФФК), пишува Ројтерс.
На знамето е прикажано дека Косово и Метохија се составен дел на Србија и тоа не им се допаднало на челниците на ФФК.
„Светското првенство е настан кој би требало да шири радост и единство и да испраќа пораки на надеж и мир, а не на омраза. Бараме од ФИФА да преземе мерки против ваквите постапки“, соопшти ФФК.
ФИФА не најави кога ќе ја донесе одлуката по пријавата, туку само порача дека е отворена постапка.
„Дисциплинската комисија на ФИФА по основ на членот 11 од Дисциплинскиот правилник и членот 4 од правилникот на СП 2022, покрена истрага против фудбалската федерација на Србија поради знамето кое се најде во соблекувалната пред натпреварот со Бразил“, објави ФИФА.