Фудбалскиот клуб Вардар официјално со соопштение побара дербито на втората лига помеѓу Пелистер и Вардар закажано за в сабота, да се игра в недела и да се дозволи присуство на гостински навивачи.
Стадионот во Битола конечно доби нов лик и ќе биде пуштена новата трибина.
„Недела ден за дерби!
Големото македонско фудбалско дерби е пред нас. Првенствено, веруваме дека управата на Ф.К. Пелистер ќе се согласи и ќе дозволи присуство на нашата навивачка група Комити Запад. Фудбалот без навивачи на трибините губи многу, затоа веруваме дека одлуката по однос на ова прашање ќе биде позитивна. Дека сме сериозни и искрени во намерата да го вратиме сјајот на големото дерби, потврдува и тоа што уште од сега јавно соопштуваме дека ќе дозволиме присуство на навивачката група Чкембари Битола на натпреварот кој овие два тима ќе го одиграат во Скопје.
Воедно, упатуваме важен апел до управата на Ф.К. Пелистер, а тоа е дерби-натпреварот помеѓу Ф.К. Пелистер и Ф.К. Вардар, кој е закажан за оваа сабота (3.12.2022), се одигра ден подоцна, односно в недела (4.12.2022). Навивачите на двата тима тоа го заслужуваат. Ајде заедно да помогнеме да се врати стариот сјај на големото македонско фудбалско дерби.
Како клуб, стоиме на располагање за соработка и помош доколку е потребна во кој било аспект.
Недела ден за фудбал – навивачите заслужуваат!
Со почит,
Ф.К. Вардар“