Пријателската средба требаше да се игра утре, од 13 часот
Националните тимови на Јапонија и Чиле ќе треба да почекаат до некоја наредна прилика за да го одиграат својот меѓусебен пријателски меч. Дуелот кој требаше да се игра утре, од 13 часот по македонско време, беше откажан поради силниот земјотрес во Јапонија, кој зеде 9 човечки животи, а околу 40 лица се водат за исчезнати.
Средбата требаше да се игра во Сапоро, град кој е само на 65 километри од регионот на островот Хокаидо, кој беше погоден од земјотресот со јачина од 6,7 степени по Рихтеровата скала.
Јапонската фудбалска федерација реагираше експресно, одлучи дека безбедноста на фудбалерите и делегациите на двата тима е најважна бидејќи регионот е во непредвидлива состојба, постои опасност од нови потреси, па решено е да не се игра контролата со Чилеанците.
Јапонците имаат проблем и со смртоносниот тајфун, најсилен во последните 25 години. Дебито на новиот селектор Хаџиме Моријасу се очекува на 11-ти септември, против Костарика во Осака.