Бразил си обезбеди место во осминафиналето на Светското првенство во Катар, па дуелот против Камерун ќе биде можност селекторот Тите да им даде шанса на оние играчи кои не беа во прв план на првите две средби.
Во првите две средби против Србија и Швајцарија не само што нападот се покажа одлично, туку и одбраната беше перфектна, па противниците не упатија ниту еден удар кон голот на Алисон.
Најавите на бразилските медиуми се дека против Камерун, од стартниот тим ќе остане само Едер Милитао, кој од позиција десен бек ќе се пресели во стоперскиот дел. На местото на Алисон, голманскиот простор ќе го брани Едерсон, кој е голман на англискиот првак Манчестер сити.
Од дефанзивната линија ќе „испаднат“ Тијаго Силва, Маркињос и Алекс Сандро, а на нивно место ќе бидат легендарниот Дани Алвес, Бремер од Јувентус и Алекс Тељас од Севилја.
Во средниот ред, местата на Каземиро, Фред и Пакета треба да ги заземат Бруно Гимараеш од Њукасл, Фабињо од Ливерпул, додека во офанзивната линија би имало дури четворица. Антони од Манчестер јунајтед и Мартинели од Арсенал треба да нападнат по страничните линии, а Жезус и Родриго се во централниот офанзивен ред. Од првиот тим ќе одмораат Ришарлисон, Винисиус Јуниор и Рафиња.