Нова сензација на Јапонците, со пресврт ја победија Шпанија и ја испратија Германија дома

Селекцијата на Јапонија успеа да приреди ново големо изненадување, ја совлада Шпанија со 2:1 и си обезбеди пласман во осминафиналето. Јапонците во групата Е го освоија првото место со шест бода, а двете победи над европските гиганти ги остварија на идентичен начин и со идентичен резултат.

По првото полувреме, Шпанија имаше предност од 1:0 благодарение на голот на Алваро Мората, но во вториот дел Јапонците успеаја за три минути да постигнат два гола и да дојдат до победата. Прво Доан во 48-мата минута погоди за 1:1, а само три минути подоцна, Танака погоди за 2:1.

Второто место во групата Е го освои Шпанија со четири бода поради подобрата гол-разлика во однос на Германија и со тоа си избегна осминафинална пресметка со Хрватска. Шпанците во нокаут-фазата ќе играат против Мароко, кој го освои првото место во групата Ф.

Светскиот шампион од 2014 година, Германија, на второ Светско првенство по ред не успева да ја помине групната фаза откако вечерва иако ја победи Костарика со 4:2, не се пласира во осминафиналето.

Германија поведе со голот на Серж Гнабри во 10-тата минута, но не успеа да постигне уште некој гол во првото полувреме иако имаше неколку шанси.

Во второто полувреме им се закануваше идентично сценарио од дуелот со Јапонија, кога примија два гола и доживеаја пораз. Костарика во 59-тата минута израмни на 1:1 преку Техеда, а во 70-тата Варгас погоди за 1:2.

Шокот кратко траеше и Германците само три минути подоцна преку Кај Хаверц израмнија на 2:2, а истиот фудбалер во 85-тата минута погоди за 3:2. Конечниот резултат го постави Фулкруг.
На крајот Германија заврши на третото место на табелата поради послаба гол-разлика во однос на Шпанија и предвреме од планираното се враќа дома.

 

- Оглас -

Најнови вести