Откако Германија играше три финалиња по ред на светските првенства во 1982, 1986 и 1990 година, а во 1990 стана и шампион, англиската ѕвезда Гери Линекер изјави дека фудбалот е едноставна игра во која 22-ца играчи 90 минути трчаат по топката и на крајот секогаш победува Германија.
Оваа изјава стана легендарна и често се спомнува во разни контексти, а сега по дебаклот на Панцерите на Мундијалот во Катар, би рекле дека фудбалот веќе не е игра во која секогаш победуваат Германците.
Од 2002 до 2014 година, Германија секогаш освојуваше медал на Мундијалите, но по титулата во 2014, ја разочаруваат нацијата.
Веќе на две светски првенства по ред, Германија не успеа да дојде ни до осминафинале и настапот го завршува во групната фаза. Порази од азиски селекции, како Јужна Кореја пред четири години и Јапонија годинава, им пресудија на четирикратните светски прваци.
Никој не ја спомнуваше Германија како фаворит за титула во Катар, Германците си имаа и политичка агенда против одржување на СП во Катар, но не се очекуваше дека нема да ја минат ни групата, која на хартија не беше толку тешка.
Линекер им фати сеир на Германците вчера, па на „Твитер“ напиша: „Фудбалот е едноставна игра во која 22-ца играчи 90 минути трчаат по топката и на крајот секогаш победува Германија, ама ако ја минат групната фаза“.