Навивачите на Реал Мадрид го молат претседателот Перес да му прости на Мбапе, но тој планира друг напаѓач да биде нов Крал

Одличните игри на Килијан Мбапе на Светското првенство во Катар ги натераа навивачите на Реал Мадрид да побараат од управата на Кралскиот клуб, предводена од претседателот Флорентино Перес, да му прости на напаѓачот и да стори сè за да го донесе на „Сантијаго Бернабеу“.

На социјалните мрежи започна дебата меѓу навивачите на Реал кои се за и против евентуалниот трансфер на Французинот на „Сантијаго Бернабеу“. Дел од фановите сметаат дека вратите за Мбапе засекогаш треба да бидат затворени, но сè поголем е  бројот на тие што бараат да му биде простено на Французинот за наводното предавство што го направи пред неколку месеци.

Мадридскиот спортски весник „Ас“ пишува дека челниците на Реал сè уште му се лути на Мбапе бидејќи изминатото лето ги изигра и потпиша нов договор со ПСЖ.

Според весникот, засега Перес нема намера да му прости на Мбапе бидејќи се чувствува изигран во преговорите што беа водени на почетокот од годинава. Тој смета дека однесувањето на Мбапе во разговорите било чудно и иако имал вербален договор, на препорака на фудбалерот, Перес се согласил да не се потпишува преддоговор.

Тогаш Мбапе барал Перес да му верува на зборот, но во мај годинава напаѓачот престанал да одговара на пораките на првиот човек на Реал Мадрид, што беше протолкувано како предавство и непочитување на клубот. На крајот Мбапе потпиша нов тригодишен договор со ПСЖ, а Реал Мадрид и Перес извисија.

Поради тоа Перес веќе изготви стратегија за две години и наместо Мбапе, на „Сантијаго Бернабеу“ да го донесе напаѓачот на Манчестер сити, Ерлинг Халанд за 180 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести