Претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи, е убеден дека Лионел Меси ќе го продолжи договорот со францускиот тим. Ал-Келаифи, исто така изјави дека очекува во јануари двете страни да седнат на преговарачка маса и експресно да се договорат за продолжување на соработката.
Првиот човек на ПСЖ, на овој начин ги демантира шпекулациите дека Меси по завршување на сезоната, ќе си замине од „Паркот на принцевите“ и че се пресели во Мајами во МЛС лигата.
Запрашан дали изгледа дека Меси сака да остане подолго во Париз, Ал-Хелаифи одговори потврдно: „Дефинитивно“.
“Тој е многу среќен и тоа можете да го видите кога е со репрезентацијата. Ако некој играч не е среќен, ќе видите дека не игра добро за својата репрезентација. Минатата сезона одигра фантастично, постигна многу голови и имаше доста асистенции и за Аргентина и за ПСЖ. Претходно се договоривме да седнеме да разговараме по Светското првенство. Но, двете страни, и клубот и Меси се среќни“, изјави Ал-Келаифи.
Овој одговор на првиот човек на ПСЖ сигурно нема да им се допадне на навивачите на Барселона кои се надеваат дека Аргентинецот на крајот од сезоната ќе одлучи да се врати на „Камп Ноу“ каде помина 20 години.
Меси и неговата Аргентина, утре од 20 часот ќе играат против Холандија во четвртфиналето на Светското првенство што се одржува во Катар.