Кејн трагичар, Франција си закажа полуфинална пресметка со Мароко

Репрезентацијата на Франција ја совлада Англија со 2:1 и е последен полуфиналист на Светското првенство што се одржува во Катар. Франција која е актуелен светски шампион, во полуфиналето ќе игра против Мароко кој денеска приреди сензација со победата над Португалија од 1:0.

Трагичар на натпреварот е капитенот на Англичаните, Хари Кејн, кој во 84-та минута не реализира удар од белата точка за израмнување.

Французите поведоа во фантастичниот гол на Орелијан Чуамени во 17-та минута. Фудбалерот на Реал Мадрид со одличен шут од повеќе од 20 метри успеа да го совлада Пикфорд.

На стартот од второто полувреме, Англија успеа да израмни преку Хари Кејн.
Во 54-та минута, Чуамени во сопствениот шеснаесетник го фаулираше Букајо Сака, по што Кејн беше прецизен од белата точка.
Водството на Франција го врати Оливие Жиру во 78-та минута.

Шест минути подоцна, Кејн не успеа по втор пат од белата точка да го совлада клупскиот колега Уго Лорис. Капитенот на Англија и на Тотенхем, шутираше над голот и ја испрати Франција во полуфиналето.

Последната шанса за гол, Англичаните ја имаа во 100-та минута преку Маркус Рашфорд, но неговиот шут од слободен удар од 20 метри заврши над голот на Лорис.

Полуфиналната пресметка меѓу Франција и Мароко ќе се игра в среда од 20 часот.

- Оглас -

Најнови вести