Неверојатниот Ембид втор пат сезонава постигна повеќе од 50 поени (Видео)

Центарот на Филаделфија, Џоел Ембид, го предводеше својот тим до триумф од 131:113 над Шарлот хорнетс, постигнувајќи 53 поени. Ембид е првиот кошаркар сезонава кој во два натпревари постигнал 50 или повеќе поени, откако на Јута и даде дури 59 поени.

Џејмс Харден мечот го заврши со 19 поени, 16 асистенции и 9 скока, а Тобајас Херис даде 17 поени за Филаделфија која е петта на Истокот со скор 14-12.

ЛА Лејкерс ја прекина серијата од три порази по ред со триумфот од 124:117 над најслабиот тим во НБА, Детроит пистонс. Лејкерси во третата четвртина имаа 13 поени предност,  Детроит успеа резултатски да се врати во одлучувачките 12 минути, но на крајот не можеше да го избегне 22-от пораз сезонава. Леброн Џејмс со 35 поени и Ентони Дејвис со 34 поени и 14 скока беа најдобри кај Лејкерси, додека Бојан Богдановиќ го предводеше Детроит со 38 поени.

Милвоки доживеа непријатно изненадување со поразот на гостувањето кај Хјустон од 97:92, а згора на тоа Крис Мидлтон заработи повреда на скочниот зглоб.
Џејлен Грин со 30 поени и Кевин Портер јуниор со 18 поени беа најдобри кај Хјустон, додека листата на стрелци на Милвоки ја предводеше Џру Холидеј со 25 постигнати поени.

Атланта хоукс благодарение на поените на Еј Џеј Грифин во последната секунда, го победи Чикаго булс со 123:122.

Резултати: Детроит – ЛА Лејкерс 117:124, Њујорк – Сакраменто 112:99, Орландо – Торонто 111:99, Филаделфија – Шарлот 131:113, Атланта – Чикаго 123:122, Хјустон – Милвоки 97:92.

- Оглас -

Најнови вести