Лионел Меси стандардно утре од 20 часот ќе биде лидерот на оваа генерација аргентински фудбалери што ќе се обидат да се пласираат во финалето на Светско првенство и да бидат на чекор до Златната божица.
Ривал им е Хрватска, репрезентација која за Меси лично буди и убави и лоши спомени.
Во 2006 година на пријателски меч токму со Хрватите, Лео го постигна својот деби гол за Аргентина, во негов класичен стил, но на крајот тагуваше по поразот од 2:3.
Меси досега има постигнато 95 гола, но секогаш посебно се памети првиот гол. Хрватска уште еднаш му остана во непријатни спомени и тоа на минатото првенство во Русија пред четири години.
Тогаш Коцкестите во меч од првата фаза по групи ја декласираа Аргентина со Меси во тимот со 3:0, а потоа дотуркаа и до финале каде загубија од Франција.