Министерството за внатрешни работи објави дека лицето кое физички го нападна кошаркарот на Работнички, Ерик Нотиџ, и предизвика прекин на средбата било вработено како фоторепортер во КК Чаир 2030, кој беше домаќин на мечот од првата кошаркарска лига.
„На 11.12.2022 во 20.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортската сала „Шабан Трстена“ на подрачје на Чаир за време на одигрување на кошаркарски натпревар помеѓу КК „Чаир“ и КК „Работнички“, вработен како фоторепортер во кошаркарскиот клуб „Чаир“ влегол на теренот и физички нападнал кошаркар на гостинскиот клуб. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во билтенот на МВР.
Чаирчани се огласија со соопштение:
„Почитувани љубители на спортот.
Ние како клуб најостро го осудуваме вчерашниот инцидент помеѓу нашиот клуб КК Чаир 2030 и КК Работнички. Исто така жалиме за таа супер атмосфера која на крајот заврши на најлош можен начин.
Овој супер добро организиран настан, на кој публиката беше на највисоко ниво со супер фер и коректна атмосфера остана во сенка на инцидент инициран од ПОСЕБЕН ПОЕДИНЕЦ.
Ние како клуб им се извинуваме на сите наши љубители на спортот, на КФСМ и противничкиот клуб.
Како клуб ве уверуваме дека вакви инциденти нема да се повторат и немаат повеќе место во нашата куќа, реконструираната сала ‘Шабан Трстена’“.