Норвежанецот Ерлинг Халанд е еден од најдобрите фудбалери кои го пропуштија Светското првенство во Катар, но затоа ќе биде свеж за преостанатиот дел од клупската сезона и може многу да му помогне на својот тим Манчестер сити, за кого во минатото играше и татко му.
Токму Алф Инге Халанд даде интервју во кое ја остави отворена вратата за трансфер на син му, но ништо не е сигурно во моментов.
„Ерлинг можеби ќе остане во Манчестер сити уште 15 години бидејќи е среќен таму. Сепак, зборуваме за голем клуб. Но, исто така мислам дека тој може да се докаже во која било топ-лига. Во Германија беше одличен, може да направи такво нешто и во иднина, на пример да остане три години во Премиер лигата, а потоа да се пресели во Италија, Шпанија или Франција. Ништо не е одлучено, сите опции се можни, а Ерлинг е способен да биде успешен во кој било тим“, вели Халанд сениор.
Граѓаните на 22 декември имаат домашен дуел од Лига купот со Ливерпул, а шест дена подоцна во премиерлигашки меч гостуваат кај Лидс.