Партизан и Црвена ѕвезда ремизираа 1-1 во вечното белградско дерби. „Црно-белите“ се тие коишто може да жалат што не победија, бидејќи имаа водство, но не го сочуваа до крајот. Рикардо Гомез во 33-тата минута одлично продре и од околу 20 метри биеше неодбранливо.
Предноста на Партизан беше сè до 73-тата минута, кога Ѕвезда изведе корнер. Боаче со глава биеше, голманот Стојковиќ ја одбрани топката, но по асистенција на судијата кој е позади голот, главниот арбитар досуди дека топката ја поминала гол линијата и дека е погодок. Во Србија го нема системот ВАР, ниту гол-технологијата, па затоа мораше да се верува на одлуката на судијата.
По ова реми, Црвена ѕвезда остана лидер на табелата, но по седум победи по ред, сега прв пат не ги освои сите три бодови. Партизан од 9 меча сега има 20 бодови, колку што собра и Раднички Ниш.