Докторката раскажува за големата борба што ја водеше Михајловиќ

Прославениот српски фудбалер Синиша Михајловиќ почина вчера во Рим, на само 53 години. Популарниот Миха повеќе од три години се бореше со опасната болест леукемија и на крајот ја загуби најважната битка.

Една од докторките кои постојано се грижела за Михајловиќ во овој период е Франческа Бонифази, која открива детали од последните денови на Синиша.

„Од првиот до последниот ден, тој за мене беше прекрасна личност. Многу силна личност. Ми ја даде комплетната доверба, но оваа опасна болест беше во најагресивниот облик со кој јас сум се сретнала некогаш. Тој ни даде фудбалска, но и животна лекција во секоја смисла. Ме храбреше тој мене и јас него. Многу го сакаше животот и сакаше да живее“, открива докторката Бонифази.

Михајловиќ од понеделникот бил во фармаколошка кома која е контролирана кома во која пациентот намерно се става. Тоа е метод кој се користи на интензивна нега, но за жал овојпат Михајловиќ не издржа и во петокот почина.

„Беше подготвен сѐ да издржи. Не сакаше да го остави своето семејство. Го сакаше фудбалот, тоа беше неговиот свет, а неговиот воздух беше семејството“, додава Бонифази.

Михајловиќ ќе биде погребан во Рим. Тој речиси 30 години живееше во Италија, од каде е и неговата сопруга.

 

- Оглас -

Најнови вести