Капитенот Кирил Лазаров со девет голови беше најефикасен на дуелот против Чиле, а Македонија во третиот меч стигна до третата победа против неевроски противник.
„Овие мечеви се најтешки за играње, бидејќи не решаваат ништо. Сепак поубаво е да се заврши со победа, а не со пораз. Треба да се направи добра анализира и да се поправат грешките. Против европските екипи бевме во егал со шанси за победа. Тешко е бидејќи одигравме 7 меча за 10/11 дена. Не можам да кажам дека сум задоволен, но не можам да кажам ни дека сум разочаран. Нашата годишна старост е една од најмладите екипи на првенството и тоа е разликата во споредба со Мундијалот од пред две години. Постои голем потенцијал во младите момци, но треба добро да се работи“, рече Лазаров.
Еден од оние кои беа меѓу најдобрите е голманот Никола Митревски. Тој и против Чиле имаше одлични одбрани и покажа како се бранат репрезентативните бои.
„Најважен е резултатот и тоа што завршивме со победа. Одигравме толку колку што требаше за да победиме. Пресуди нашето искуство. Мислам дека во понатамошниот период треба младите да собираат искуство за да им помогне за во иднина“, рече Митревски.