Легендарниот германски тенисер и некогашен светски рекет број 1, Борис Бекер, на 15 декември излезе од лондонскиот затвор, каде што отслужуваше казна за финансиски криминал.
Бекер беше депортиран во родната Германија и за германската телевизија даде интервју во кое раскажа за своето затворско искуство.
„Во затвор бев никој. Никому не му е гајле дали некогаш сум бил тениски шампион. Таму научив една важна, скапа и болна лекција. Повторно ја открив личноста во мене, личноста која бев некогаш“, вели Бекер.
Бекер кажа и како го чекал своето ослободување.
„Од 6 часот наутро седев на крајот на мојот кревет и се надевав дека вратата од ќелијата ќе се отвори. Дојдоа во 7.30, ја отклучија вратата и ме прашаа дали сум подготвен. Им реков: Подготвен, само напред“, раскажува Бекер.