Барселона веќе не е перфектна во шпанската Примера дивисион, и тоа благодарение на еден каталонски тим. Жирона е екипата која одигра херојски на „Камп ноу“ со 2-2 против актуелниот првак. По ова реми, Барселона сега има 13 бодови, колку што има и Реал Мадрид, но Кралскиот луб е втор поради послабата гол-разлика.
Стартот на мечот не навестуваше дека ќе има изненадување. Лионел Меси погоди во 19-тата минута за водство на фаворитот. Во 35-тата минута, по прегледување на системот ВАР, беше исклучен домашниот играч Ленгле. Предноста од фудбалер повеќе, Жирона знаеше да ја искористи.
Во 45-тата минута малиот тим од Каталонија со погодокот на Стуани израмни на 1-1, а истиот играч на почетокот на вториот дел, односно во 51-вата минута донесе сензационално водство за Жирона. Пике во 63-тата минута израмни на 2-2, но Барселона не успеа да стигне до посакуваната победа. Жирона со играч повеќе успеа да се одбрани и освои бод на „Камп ноу“.