Живко Мукаетов и Кирил Лазаров во еден глас: Мисијата со РК Алкалоид ќе биде исполнета кога ќе добиеме нови ракометни ѕвезди

Голем и важен чекор за развојот на клубот, новиот суперлигаш Алкалоид оствари денескасо претставувањето на новиот проект на младите категории, новите дресови и новиот дом.
Веќе неколку недели ракометарите на Алкалоид тренираат во реновираната сала во Автокоманда, која денес официјално беше нашминкана во клупските бои.
Првиот човек на РФМ, но и на клубот Алкалоид, Живко Мукаетов, со посебна гордост зборуваше за развојот на проектот и најави убави денови за клубот и македонскиот ракомет.
„Пред повеќе од година дена започнавме проект на визија, важен за мак-ракометот. Основна цел е да се регрутираат млади таленти кои ќе ги научиме на добри човечки вредности и да имаме раст на мак-ракометот. Основна идеја и цел е да го шириме нашиот проект.
Почнавме пред една и пол година, но ова кое сега го гледате е едно прекрасно чувство на млади луѓе посветени на спортот. Посакуваме да изградиме систем во кој сите ќе се вклопат и човековите вредности и растот ќе бидат на прво место.
Нашата мисија ќе биде исполнета кога ќе ги добиеме новиот Кире, Столе, Жути, Манасков. Кога ќе го постигнеме тоа, ќе може да кажеме дека тоа е тоа што треба. Градиме нешто добро за македонскиот спорт, за нашата држава Република Македонија, затоа што сметам дека тоа нешто е многу важно.
Мора прво да веруваме во себеси, во тимот, во сите околу нас, мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба!“, рече Мукаетов.
На јавноста и се обрати и Кирил Лазаров, селекторот на македонската репрезентација и тренер на Алкалоид.
„По само година и пол по формирањето на ракометниот клуб Алкалоид од Скопје, чест и задоволство ми е што ја имаме оваа заедничка можност да присуствуваме на реновираниот од корен ракометен дом Автокоманда и чест и привилегија е за клуб како нашиот да имаме свој дом. Мислам дека тоа е предуслов, основа и база за понатамошна добра и квалитетна иднина. Во изминатите години од спортски аспект сакам да кажам што се имаме сработено од спортски аспект, од што сум презадоволен. РК Алкалоид почна од првата лига и за само една година влезе во најквалитетната лига – Суперлигата.
Во меѓувреме формиравме уште еден клуб Мулти Есенс каде овозможивме на голем број таленти да учествуваат во ист тренажен процес, каде овозможуваме на таленти од Македонија квалитетно да се развиваат и да ја надополниме базата со квалитетни играчи. Имаме и младински категории, кои се при или се на врвот на табелата во македонските лиги, од 2003 до 2008 годиште.
Планираме да формираме и други селекции, 2010 и 2012 годиште, со што покажуваме дека мислиме на македонската ракометна иднина. Чест и привилегија ми е што сум дел од овој проект и што имам можност да работам како прв ракометен тренер во РК Алкалоид.
Мислам дека сме прав пример не само за клубовите во Македонија, туку во регионот и тоа не само во овој спорт, туку и во сите останати. Како што минува времето, треба да бидеме уште поквалитетни“, рече Лазаров.
Тој сега за кусо ги замрзна активностите во РК Алкалоид и се посвети на македонската репрезентација, која од 13 јануари ќе игра на ракометниот Мундијал.
Во првата фаза по групи во Краков ќе играме со Норвешка на 13. јануари, потоа со Холандија два дена подоцна и со Аргентина на 17. јануари.
- Оглас -

Најнови вести