Лампард го врати Ешли Кол во Англија

Ешли Кол потпиша договор со второлигашот Дерби каунти, според кој се обврза до крајот на оваа сезона. Екс фудбалерот на Челзи и Арсенал по подолго време се враќа на Островот, откако му заврши соработката со ЛА галакси, а Френк Лампард му ги отвори вратите на својот поранешен клупски и репрезентативен колега.

Лампард се надева дека триесет и осумгодишниот лев бек со своето искуство ќе придонесе за овој тим да се избори за влез во англиската елита, додека неговиот квалитет треба да ја зацврсти одбранбената линија.

„Ешли го познавам многу добро од времето кога игравме во Челзи, но и во репрезентацијата на Англија. Знам дека со неговото искуство може многу да ни помогне, а знам и дека покрај годините, тој е во форма и е подготвен да се бори на теренот бидејќи е голем професионалец“, истакна Лампард.

Ешли Кол во својата богата кариера настапи на повеќе од 680 натпревари како играч на Арсенал, Кристал палас, Челзи, Рома и ЛА галакси, освојувајќи вкупно 15 трофеи.

Дерби се наоѓа на шестата позиција по 28 натпревари во Шампионат лигата, со 46 бода се бори да обезбеди разигрувања во плејофот кои водат до Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести