Новата 2023 година не носи големи спортски настани кое се следат во целиот свет како Олимписки игри или Светско првенство во фудбал, но во оваа предолимписка година ќе имаме многу прилики да навиваме за македонските спортисти.
Веќе сега од 12-ти до 29-ти јануари се игра Светското првенство за ракометари, на кое Македонија ќе има свое учество и првата фаза во полскиот град Краков ќе се сретнеме со Норвешка, Холандија и Аргентина. Потоа продолжуваме во втората фаза во Катовице или не дај боже, битка за избегнување на дното во Претседателскиот куп во Плоцк. Во секој случај, јануари за нас ќе биде ракометен месец.
Годинава ќе имаме еден голем настан во Скопје, а тоа е организација на една од групите на Европското првенство во одбојка за мажи.
Македонија е една од четирите земји домаќини, а овој настан ќе се случи од 28-ми август до 16-ти септември. Во Скопје ќе се игра само првата фаза, која завршува на 6-ти септември. Противници ни се Полска, Холандија, Црна Гора, Данска и Чешка.
Што се однесува до фудбалот, нашиот национален тим годинава ќе игра квалификации за ЕП 2024. Ривали ни се Италија, Англија, Украина и Малта. Пресметките со финалистите на последното ЕП кое се играше пред една и пол година, ќе бидат вистински спектакли. Италија ни гостува во септември, а Англија во ноември.
Кошаркарите ги чека доигрување на претквалификациите за ЕП 2025. Оваа фаза најверојатно ќе биде мината, а од ноември стартуваат квалификациите за Евробаскетот кој ќе се игра точно десет години после нашето последно учество.
За спортистите во поединечните спортови, оваа година е важна бидејќи се бркаат норми за Олимписките игри во Париз кои ќе се одржат во наредната 2024 година.