Карагер удри по својот Ливерпул: Управата мора да потроши 200 милиони за засилувања ако сака да остане во врвот на Премиер лигата

Поранешниот капитен на Ливерпул, Џејми Карагер, по вчерашниот пораз на Црвените од 3:1 од Брентфорд ја критикуваше управата дека мора да се разбуди и да биде активна во зимскиот преоден рок доколку сака тимот да се вклучи во трката за освојување на првите четири позиции на табелата кои носат пласман во ЛШ.

Карагер смета дека менаџерот Јирген Клоп нема фудбалери во тимот кои можат да одговорат на неговите барања и дека управата мора да донесе дури три засилувања во средниот ред.

„Ливерпул купи само еден играч од средниот ред во изминатите четири години и дури сега доаѓа сметката за наплата на таквата политика. Ливерпул почнува да ме потсетува на Арсенал од времето на Венгер, кога не можеше да освои ниту еден трофеј бидејќи играа премногу технички фудбал.

Ова не е тимот на Клоп и сакам да знам што стои зад тоа. Ако во клубот мислат дека можат да бидат меѓу првите четири екипи без вложени пари за засилување во средниот ред, тогаш имаат големи проблеми. Луѓето задолжени за трансфери се најдобри на светот, но не носат ниту едно засилување во средниот ред во последните два преодни рока и не гледаат дека во тој дел од играта имаат најголем проблем.

Ливерпул е тим кој сега умерено игра пресинг, односно недоволно агресивно, а одбраната им стои превисоко. Тоа не е фудбалот на Клоп бидејќи ги нема вистинските играчи. На Ливерпул му се потребни три засилувања во средниот ред. Мора да потрошат 200 милиони во преодниот рок доколку сакаат да останат во врвот на Премиер лигата“, рече Карагер по поразот на Ливерпул од Брентфорд.

Првата желба на Клоп, Енцо Фернандес, му ја украде Челзи, кој без проблеми ја активира откупната клаузула од 120 милиони евра и дури се согласи да плати седум милиони повеќе, додека управата на Ливерпул се ценкаше.

Џад Белингам и понатаму останува на листата на желби на Клоп, но конкурент на Ливерпул за потписот со англискиот репрезентативец е Реал Мадрид, кој исто така нема да жали пари за овој трансфер.

Како најреална опција за освежување во средниот ред е мароканскиот репрезентативец Софијан Амрабат, кој ќе ги чини 40 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести