Џејмс Харден се израмни со Вилт Чемберлен: На 20 меча по ред даде 30+ поени (Видео)

Џејмс Харден, еден од најдобрите играчи во НБА-лигата, направи нешто на што се чекаше со децении. Популарниот Брада успеа да го израмни рекордот на легендарниот Вилт Чемберлен и стигна до 20 меча по ред на кои дава 30+ поени. Ѕвездата на Хјустон утрово постигна 37 поени, но неговиот тим убедливо загуби на гостивањето кај Филаделфија со 121:93.

„Вилт има направено некои неверојатни работи во кошарката кои никој никогаш нема да ги достигне“, рече Харден, веројатно мислејќи на неверојатните 100 поени што Чемберлен ги има дадено на еден меч.

Последен пат кога Харден не успеа да стигне до 30 поени е на 11-ти декември, на дуелот против Портланд, кога постигна 29 поени. Од тој меч, па досега Харден е на 30+. Интересно е тоа што на последните четири меча Харден има дадено вкупно 200 поени. Само шестпати во последниве 50 години во НБА-лигата се случило еден играч да има 200 или повеќе поени на последните четири меча. Тоа четирипати му успевало на Коби Брајант и двапати на Харден.

Иако даде 37 поени, Хјустон загуби на гости кај Филаделфија, а домашните играчи имаа посебна тактика за тоа како треба да го чуваат Харден.

- Оглас -

Најнови вести