Виландер верува во Србинот: Новак е гладен за одмазда и е главен фаворит во Мелбурн

Поранешниот тенисер Матс Виландер изјави дека Новак Ѓоковиќ е главен фаворит за триумф на првиот годинешен гренслем-турнир, Отвореното првенство на Австралија, кој ќе се одигра од 16 до 29 јануари во Мелбурн.

Виландер истакна дека Новак има огромни мотиви да им покаже на сите конкуренти дека е најдобар откако минатата година не му беше дозволено да ја брани титулата и беше депортиран од земјата.

„Мислам дека никогаш не сме виделе играч кој има толку голема желба да се реваншира и да победува. Никој никогаш не бил погладен за победи од Новак“, изјави Виландер, кој сега работи како стручен аналитичар на телевизијата „Јуроспорт“.

Новак Ѓоковиќ е рекордер по бројот на триумфи на Отвореното првенство на Австралија, има дури девет.
„Подлогата во Мелбурн е совршена за Новак. Овој турнир има историја да има играчи што го освојувале повеќе пати. Ова го зборувам од лично искуство бидејќи јас во Мелбурн победив трипати. Никој не е 100 отсто подготвен во Австралија. Некои тенисери се добро подготвени, некои воопшто не се, но Новак секогаш е подготвен. Тоа за него значи дека е фаворит бидејќи подлогата совршено му одговара за неговиот стил на игра“, додава Виландер.

Во Мелбурн ќе настапи и актуелниот шампион Рафаел Надал, што значи дека Шпанецот и Ѓоковиќ ќе ја продолжат трката по освојување на гренслем-трофеи. Моменто, Рафаел е лидер во оваа категорија, има 22 триумфа на четирите најголеми тениски турнири, а Ѓоковиќ има еден помалку.

„Новак сигурно ќе сака да му се реваншира на Надал така што ќе триумфира во Мелбурн. Ако Новак победи, ќе бидат израмнети 22-22. Новак мора во Мелбурн да дојде до 22-риот гренслем-трофеј бидејќи во мај Надал на Ролан Гарос би можел да освои уште еден трофеј“, смета Швеѓанецот.

- Оглас -

Најнови вести