Пропадна трансферот на Фернандес во Челзи, Бенфика ја одби и последната понуда на Сините

Управата на португалскиот тим Бенфика одби да го продаде аргентинскиот репрезентативец Енцо Фернандес на Челзи бидејќи Сините не сакаат да ја платат откупната клаузула.

Изминатите неколку дена речиси сите светски медиуми објавија дека Челзи го договорил трансферот на Фернандес и се согласил да плати 127 милиони евра на неколку рати, дури седум милиони повеќе отколку што изнесува откупната клаузула.

Но, во последните 24 часа, два португалски медиума, Maisfutebol и весникот „Рекорд“, објавија дека челниците на Бенфика не ги прифатиле понудите на Челзи и дека Фернандес сè уште е играч на Орлите.

Првата понуда на премиерлигашот изнесувала 85 милиони евра и веднаш била одбиена од управата на Бенфика. Весникот „Рекорд“ во денешното издание ги објави деталите и од втората понуда, која била одбиена.

На вчерашната средба во Лондон со претставниците на Челзи присуствувале претседателот на Бенфика, Руи Кошта, и спортскиот директор Педро Браз, како и суперагентот Жорж Мендеш, кој бил во улога на посредник.

„Атмосферата била доста напната. Челниците на Бенфика очекуваа Челзи да ја зголеми понудата бидејќи нивниот став е јасен, 120 милиони евра, колку што изнесува откупната клаузула. Но, понудата на Челзи беше 90 милиони евра и тројца фудбалери, Хаким Зијех, Фофана и Сантос. Поради тоа, преговорите пропаднаа“, пишува „Рекорд“.

Енцо Фернандес, кој за 12 дена ќе наполни 22 години, во Бенфика пристигна минатото лето од Ривер плејт за 14 милиони евра и 25 отсто од следниот трансфер.

- Оглас -

Најнови вести