Рускиот милијардер Роман Абрамович, непосредно пред да му бидат воведени санкции минатата година, своето богатство и сопственоста на тајните офшор фондови, ги префрлил на неговите седум деца, пишува „Гардијан“, кој имал увид во документите.
Реорганизацијата на финансиите на Абрамович започнала само неколку дена откако Европската Унија и владите на европските земји се заканија дека ќе воведат санкции на руските олигарси во случај Русија да изврши воена инвазија врз Украина, што и се случи на 24 февруари 2022 година.
Според документите, три недели пред почетокот на војната во Украина, 10 тајни офшор фондови основани во име и корист на Абрамович и вредни најмалку 4 милијарди долари, биле префрлени на седумте деца на Абрамович, од кои најмалото има девет години.
Абрамович ги негираше финансиските врски со Кремљ и поднесе тужба за да ги оспори санкциите. Тој беше ставен под санкции бидејќи негови фирми соработувале со Кремљ, односно ги снабдувале со челик руските компании кои работат на изградба на тенкови.