Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Драган Николиќ, рече дека Црвена ѕвезда била пресилна за неговиот тим, а за Металците им останува да се борат за опстанок во АБА лигата и да го засилат играчкиот кадар.
„Заслужена победа на Ѕвезда, доминантни беа, имаат екстра квалитет, нема дискусија околу тоа. Ние дадовме максимум, а во третата четвртина не постоевме, додуша не се прашувавме за ништо. Немавме сила за второто полувреме. Многу е тежок распоредот, но нема да се предаваме до крај. Ќе има измени во играчкиот кадар, очекуваме не едно, туку барем две засилувања. Среќен сум што сум тренер на МЗТ, благодарен сум што ми се даде можност да извлечам максимум од оваа екипа. Очекувам во наредниот период да ни се вратат насмевките на лицата“ – рече тренерот Николиќ.
„Задоволен сум од победата и од играта во второто полувреме. Во првото полувреме не игравме добро, ја немавме агресивноста во одбраната, а во вториот дел игравме добра одбрана, и тоа ни донесе лесни поени“ – изјави тренерот на Ѕвезда, Душко Ивановиќ.