Тренерот на саудискиот клуб Ал-Наср, Руди Гарсија, смета дека доаѓањето на Кристијано Роналдо во Саудиска Арабија е слично со трансферот на Пеле во САД во 70-тите години на минатиот век.
Потегот на Роналдо и напуштањето на Европа за да игра во Саудиска Арабија, Гарсија го потсетува на случајот со Пеле, кој од 1975 до 1977 година беше член на Њујорк Космос.
„Ако треба да правам споредба, мислам дека случаите на Роналдо и Пеле се слични. Двајцата придонесуваат за развој на фудбалот и спортот“, смета Гарсија.
Кога потпиша за Космос, Пеле имаше 35 години и беше при крај на кариерата, пет години по освојувањето на неговата трета и последна светска титула, но стана маркетиншки феномен во САД.
Роналдо следниот месец ќе наполни 38 години, а во Ал-Наср ќе игра за огромна сума пари. За маркетиншкиот придонес не треба да се трошат зборови, огромна е побарувачката на дресови на Ал-Наср, клуб кој преку ноќ стана најпопуларен во цела Азија според бројот на следбеници на социјалните мрежи. Од 800 илјади следбеници по доведувањето на Роналдо, сега имаат 11 милиони.