Лионел Меси утре на натпреварот на Пари Сен Жермен против Анже од француската лига ќе го одигра својот прв натпревар во 2023 година и прв по финалето на Светкото првенство во Катар, на кој Аргентина на пенали ја совлада Франција.
Во ПСЖ размислуваа дали да организираат церемонија во која Меси пред мечот би го кренал пехарот од СП и би го покажал пред париската публика, но на крајот решено е да нема такво нешто за да нема негативни реакции. Сепак, ПСЖ е француски клуб, фановите им се Французи и подобро е да не бидат провоцирани.
Во ПСЖ сметаат дека „почесниот тунел“ кој му го направија на Меси пред првиот тренинг е доволен.
Инаку на листата за настап го има и Нејмар, а го нема Килијан Мбапе, па големото трио ќе треба да почека друга прилика за повторно да заиграат заедно.
Мечот на ПСЖ и Анже ќе почне со едноминутен молк во чест на некогашниот играч на Светците, Модест Мбами, кој почина пред неколку дена.