По поразот на домашен терен од Бешикташ од 22:30, во редовите на македонскиот вицепрвак Металург рекоа дека го платиле данокот на неискуството и дека, како по традиција, слабо играат во вторите полувремиња од натпреварите во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата.
Тренерот Данило Брестовац не беше изненаден, иако најавуваше победа над Бешикташ.
„Искуството на Прибак, Доне и Толга, противникот го канализираше на најдобар можен начин. Бешикташ е одличен тим со многу искусни играчи. Сега јас се чувствувам како некое мало дете што допрва вади млечни заби, но никако да ги извади. Имавме добри моменти, но и многу лоши. Со младите мораме да бидеме трпеливи, мораме да изградиме добра база, добар тим и да го комплетираме ростерот со двајца или тројци странци. Знам дека се бараат резултати, но мораме да бидеме трпеливи. Би замолил за поддршка во таа наша намера, бидејќи полза нема да има само клубот Металург туку и репрезентацијата“, рече Брестовац.
Томислав Јагуриновски рече дека тимот игра добро, но само во првите 30 минути, и тоа е клучен проблем.
„Нашата екипа, исто како и на секој натпревар така и со Бешикташ, игра одлично во првото полувреме, но нешто ни недостасува во вториот дел. Како што кажа тренерот, ќе мораме уште повеќе да работиме и да се надеваме на подобри резултати во иднина“, смета Јагуриновски.