Чави доби шанса да му се реваншира на Роналдо, но покажа каков џентлмен е

Кристијано Роналдо изненади многумина со одлуката да ја продолжи кариерата во тимот на Ал-Наср во Саудиска Арабија и најверојатно никогаш повеќе нема да се врати во европскиот фудбал. Со овој потег, Роналдо ја продолжи низата на многумина големи фудбалери кои пред крајот на кариерата заминаа да играат во малку познати клубови во Азија или САД.

Еден од оние кои пред да ја заврши кариерата заигра во Азија беше и легендата на Барселона, Чави Ернандес. Роналдо и Чави беа „закачнати“ од пред неколку години, кога Чави искоментира дека Роналдо е одличен фудбалер, но за негова несреќа, игра во ерата на Лионел Меси, кој е најдобар.

На оваа изјава на Чави, Роналдо жестоко возврати. „Најпребаруван фудбалер на интернет сум јас. Сите зборуваат за мене. Зошто би ми било гајле што рекол Чави? Каде игра тој? Во Катар или не знам каде, нема врска. Точно е дека освои сѐ, но никогаш не ја освоил Златната топка. Јас имам освоенео три такви топки“, рече Роналдо во 2015 година, кога Чави замина да игра во Катар.

Сега Чави имаше шанса да му се реваншира на Роналдо, кој реши да игра во Саудиска Арабија, но некогашниот шпански репрезентативец покажа дека не е злопамтило. „Ал-Наср е голем клуб. Кристијано Роналдо ќе биде играчот кој ќе направи разлика. Силно е првенството и нема да му биде лесно, но тој е човек кој сака предизвици. Играв против неколку клубови од Саудиска Арабија и знам како е“, вели Чави во изјава за шпански медиуми.

- Оглас -

Најнови вести