Ракометарите по осми пат дел од СП: Најдобар пласман остварија во Катар, најслаб пред две години

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва од 20.30 часот против селекцијата на Норвешка го започнува настапот на Светското првенство што се одржува во Шведска и Полска.

Ова за Македонија ќе биде осми настап на Светските првенства, дебитанскиот беше 1998 година, кога ракометарите го освоија 18-тото место и ја остварија првата мундијалска победа, и тоа против Саудиска Арабија (28:21).

Потоа следуваше десетгодишен пост од настапите, а ракометарите се вратија на големата сцена во 2009 година во Хрватска, кога беше освоено 11-тото место и беа остварени дури пет победи. Во првата фаза што се играше во Вараждин, беа совладани Алжир, Полска и Русија, а во втората Србија и во натпреварот за 11-тото место Јужна Кореја.
Во 2013 година на СП што се одржа во Шпанија, Македонија беше 14-та со скор од две победи, едно реми и три порази.

Најдобриот пласман, ракометарите го освоија во 2015 година во Катар, кога беа деветти, остварија четири победи ( Тунис, Иран, БиХ и Австрија) и имаа само еден пораз во групната фаза (Хрватска), но во нокаут-фазата, Словенија ги елиминира Црвено-жолтите славејќи со 30:28.

Од Катар, па досега, Македонија е редовен учесник на Светските првенства, во 2017 година во Франција беше 15-та, а истиот пласман го оствари и две години подоцна.
Најслаб резултат беше остварен на претходното Светско првенство во Египет, кога почна смената на генерации, а Македонија беше 23-та само со една победа над Чиле и пет порази.

Ракометарите на овој Мундијал доаѓаат подмладени, минатата година беше направена смена на генерациите, си заминаа играчите предводени од Кирил Лазаров кои повеќе од една деценија ја предводеа Македонија на големите натпреварувања и местото им го отстапија на младите.

Но, „старата гарда“ предводена од Лазаров е тука во националниот тим, само со поинаква улога, тој е селектор, а во стручниот штаб се уште две имиња кои беа долгогодишни репрезентативци, Филип Миркуловски и Бранимир Ангеловски.

На ова СП, Македонија е во група со Норвешка, Холандија и Аргентина, а пласман во следната фаза ќе обезбедат трите првопласирани селекции во групата.

- Оглас -

Најнови вести