Абрамович е мало дете за неговиот наследник во Челзи, Боли за една сезона фрли речиси 500 милиони евра за засилувања

Англискиот премиерлигаш Челзи е најактивен тим и во зимскиот преоден рок и новиот сопственик на Сините, американскиот милијардер Тод Боли, за неполна година го доби епитетот на најголем трошач во фудбалот.

Сините од први јануари до денеска потрошија 132,5 милиони евра за засилувања како Михајло Мудрик, Беноа Бадијашил, Андреј Сантос, Давид Фофана, како и за позајмицата на Жоао Феликс од Атлетико Мадрид, а оваа сума може да се зголеми доколку се реализираат уште неколку трансфери што ги најавуваат англиските медиуми.

Челзи во зимскиот преоден рок продолжи да го прави тоа што го правеше во летниот преоден рок, кога купи дури осуммина фудбалери: Весли Фофана, Марк Кукурелја, Рахим Стерлинг, Калиду Кулибали, Карни Чуквуемека, Пјер-Емерик Обамејанг, Габриел Слонинa и Денис Закарија.

Сините во последните два преодни рок потрошија неверојатни 426,49 милиони евра и се рекордери кога станува збор за инвестирањето во засилувања во една сезона, односно во летен и зимски преоден рок.

Досега ниту еден тим во една сезона не потрошил 400 милиони евра за засилувања, а само трипати се случило да бидат фрлени повеќе од 300 милиони евра за нови фудбалери.

Досега рекордер беше Барселона, која во сезоната 2017/18 потроши 380 милиони евра, а најзвучни трансфери беа тие на Осман Дембеле и Филипе Кутињо.
Реал Мадрид во сезоната 2019/20 потроши 355 милиони евра за купување на Еден Азар, Лука Јовиќ, Едер Милитао, Ферланд Менди, Родриго и Реиниер.

На третото место е Манчестер сити од сезоната 2017/18, кога за трансферите на Ајмерик Лапорт, Бенжамен Менди, Кајл Вокер, Бернардо Силва, Едерсон, Данило, Даглас Луиз, Вилфрид Бони, Елијаким Мангала потроши 317,5 милиони евра.

Сините заземаат уште две места во „топ 10 најскапи сезони“, во 2016/17 потрошија 260,5 милиони евра, а во 2020/21 даде 247,2 милиони евра за купување играчи како Кај Хаверц, Тимо Вернер, Бен Чилвел, Хаким Зијех, Едуар Менди.

Во „топ 10 наскапи сезони“ се наоѓаат уште Барселона од сезоната 2019/20, ПСЖ во 2018/19, Јувентус 2018/19 и Реал Мадрид 2009/10.

Интересно е што екипи како Ливерпул, Баерн Минхен, Тотенхем, Интер или Милан, никогаш не потрошиле повеќе од 200 милиони евра за засилувања во една сезона.

- Оглас -

Најнови вести