Промена на плановите во последен момент, Барселона нема да му дозволи на Денис Суарес да се пресели во Арсенал, ниту како позајмен играч. Шпанскиот првак постави неколку услови кои Арсенал и Суарес требаше да ги прифатат пред да се официјализира ангажманот, но нив не ги прифатија, па така Шпанецот барем до налето ќе остане на „Камп ноу“.
Имено, Барса бараше од Арсенал да вклучи и откупна цена за Суарес откако ќе заврши позајмицата за која „топчиите“ требаше да исплатат два милиони евра, но раководството на англискиот клуб не го прифати тоа. Знаејќи дека Суарес ќе замине само на привремено, Каталонците го принудуваа да потпише нов договор со клубот според кој би останал и по 2020 година. Откако ниту тој услов не се прифати, Барса го откажа заминувањето, па Унаи Емери остана без посакуваното засилување.
Иако Ернесто Валверде претходно потврди дека повеќе не смета на услугите на Суарес и дека вратата му е отворена да си замине, сите обиди на Арсенал пропаднаа „во вода“, а дури по крајот на сезоната ќе можат повторно да преговараат околу трансфер за овој играч, откако на Суарес ќе му остане една година од договорот со шпанскиот првак.