Џибрил Сисе сака да ја прекине фудбалската пензија и повторно да се врати на зелениот терен. Овој 41-годишен напаѓач пред две години реши да стави крај на професионалната кариера, но сега се премисли.
Главна причина поради која Сисе сака повторно да заигра е бројот на постигнати голови во француското првенство. Како играч на Оксер, Олимпик Марсеј и Бастија стигна до 96 погодоци и само за четири гола не влезе во Клуб 100 во Франција.
„Уште четири гола ми фалат во Франција. Ако постои клуб кој е заинтересиран, нека ми се јави. Подготвен сум да играм бесплатно“, вели Сисе, кој последниот професионален меч го одигра речиси пред пет години.
Последниот гол во Франција Сисе го постигна во 2015 година, во дресот на Бастија.
„Секако дека уште зборувам за фудбал и секогаш кога некој ќе ме праша дали се сеќавам на некој погодок, ќе ми текне дека ми фалат четири погодоци за да стигнам до 100. Звучи лудо, но тоа е моја опсесија“, вели Сисе, кој и пред две години најави дека сака да се врати за да ја исполни својата мисија, но тоа му беше безуспешно. Ако се знае дека сега е уште постар, тешко дека некој клуб од Франција ќе си дозволи луксуз да го ангажира овој ексфудбалер само затоа што има желба да стигне до 100 погодоци.