Македонија ја победи Јужна Кореја со 36:33 и го освои 27-мото место, што ни е најслаб пласман на ракометните Мундијали.
Во последниот меч во Президент купот одигравме супер ефикасно, а за нијанса ги надигравме Корејците за победа за крај.
Нападот на нашата репрезентација функционираше одлично, но ниту ние, ниту Корејците не посветувавме многу внимание на одбраните во меч без некакво посебно значење во Президент купот.
По првото полувреме водевме со 20:19, а и на крајот сме во позитива од три гола.
Филип Кузмановски со 8 погодоци беше најефикасен во нашата репрезентација, а веднаш зад него е Ненад Костески со шест гола.
Мартин Серафимов даде пет гола, а Ѓонов и Талески постигнаа четири гола и вкупно 10-мина наши ракометари се запишаа во листата со стрелци.
Македонија забележа три победи на Светското првенство, сите во Президент купот и ниту една во фазата по групи, која не ја минавме.