Натпреварот од српската Суперлига помеѓу Црвена ѕвезда и Војводина, закажан за 4-ти февруари во Белград, ќе биде искористен за овие два клуба уште еднаш да се простат од нивната легенда која почина неодамна.
Михајловиќ во 1990 година од новосадскиот направи трансфер во белградскиот клуб, а иако во Ѕвезда остана само една и пол сезона, со клубот го направи најголемиот успех во историјата, освојувањето на европската титула.
Популарниот Миха последните 30 години беше во Италија како играч и тренер, а повеќе клубови во кои играше и работеше, веќе имаа церемонии со кои се потсетуваа на него. Сега и Србите ќе се простат од долгогодишниот репрезентативец, нема дилеми дека трибините на „Рајко Митиќ“ ќе бидат исполнети на 4-ти февруари.