Ракометарите на Вардар ја оправдаа фаворитската улога и дојдоа до првата победа во СЕХА-лигата откако во СЦ „Јане Сандански“ со 31:26 го совладаа Партизан.
Вардарци во првото коло загубија на гостувањето кај Татран (27:23), а вечерва во првиот натпревар пред своите гледачи и пред Комитите ја запишаа првата победа во групата Б.
Вардарци во текот на сите 60 минути го контролираа резултатот, но отпорот на Црно-белите го скршија во последната четвртина од натпреварот.
Во првото полувреме, најголемата предност на Вардар изнесуваше четири гола (12:8), но гостите од Белград успеаја да намалат и на паузата да заминат со минус два (16:14).
Воведните минути во второто полувреме им припаднаа на гостите кои во 37-мата минута дојдоа до израмнување 19:19, а потоа и на 21:21 во 42-рата минута и тоа беше повик за будење на македонскиот шампион.
Вардарци направија серија од 4:0, со која поведоа со 25:21 во 49-тата минута, со што конечно го скршија отпорот на гостите. На крајот Вардар славеше со конечни 31:26.
Најпрецизни кај Вардар беа Дејан Манасков и Филип Талески со по девет гола, Стојанче Стоилов даде седум, додека Карапалевски трипати ја тресеше мрежата на гостите.
Следниот натпревар Вардар повторно ќе го игра пред своите гледачи, на 10 февруари против Татран.