Заврши впечатливата ера на Здравко Мамиќ во Динамо Загреб: Јас сум веќе завршена приказна

Долгата и впечатлива ера на контроверзниот Здравко Мамиќ во Динамо Загреб заврши вечерва, барем според изјавата на некогашниот прв човек на популарните Модри, кој во последно време од сенка и во бегство раководеше со хрватскиот првак.

„Јас сум завршена приказна во Динамо. Веќе неколку месеци имам подготгвен проштален говор напишан на мојот мобилен телефон. Намерно ме уриваат долго време и сега велам дека е доста. Имам право на свој живот. За Динамо дадов се што можев“, изјави Мамиќ.

Во неговата ера што траеше од 2003 година хрватскиот гигант стана и европски препознатлив бренд, со постојани настапи во еврокуповите, односно во фазата по групи во Лигата на шампионите и во Европа Лигата.

Динамо стана и лидер и пример во регионот за продукција на екстра-таленти и за врвна продажба на играчи за десетици милиони евра, од калибарот на Модриќ, Чорлука, Гвардиол, Олмо, Пјаца, Рог, Едуардо, Ковачиќ, Мајер…

Здравко Мамиќ и неговиот брат Зоран се осудени на казна затвор во Хрватска поради финансиски малверзации во Динамо, но побегнаа во Меѓугорје, во хрватскиот дел од Босна и Херцеговина.

Во последно време две струи во Динамо водеа битка за превласт, а таа на браќата Мамиќ загуби, откако сите нивни подржувачи во клубот беа исфрлени.

Во ерата на контроверзниот, но и харизматичен прв човек на Динамо за клубот играа Аријан Адеми, кој е и капитен на Модрите и Стефан Ристовски, а и двајцата македонски репрезентативци се уште се во клубот рекордер според бројот на освоени пехари во Хрватска.

- Оглас -

Најнови вести