Катастрофата на Партизан која вечерва на свој терен загуби од Младост Нови Сад со 0-4, ги натера статистичарите да копаат во книгите на рекорди и да најдат дали некогаш порано на гигантот од Белград му се случило вакво нешто.
Најтешките порази на Партизан во неговата историја се со по пет гола разлика, а на листата на клубови кои го победувале Партизан со пет гола разлика е и скопски Вардар.
Вардар во Скопје двапати го разбивал Партизан со 5-0 и тоа во сезоните 1979/80 и 1982/83. Тоа се единствените лигашки мечеви на Партизан на кои примал барем пет гола, а притоа не дал ниту еден.
Динамо има 7-2 против Партизан, но во куп меч. Црвена ѕвезда и сплитски Хајдук го победувале Партизан со по 6-1. Хајдук е единствен кој го победил Партизан со пет гола разлика на стадионот „ЈНА“ кој е домашен терен на Црно-белите.
По распадот на Југославија, најтешките порази на Партизан се со 0-4, но овој вечерашниот е срамен, бидејќи не е од Црвена ѕвезда, туку од тим кој се бори за опстанок во српската Суперлига.